Меџити со честитка до Курти за победата на косовските парламентарни избори

„Демократските избори што се одржаа потврдуваат дека Косово веќе создаде вистинска демократска традиција, каде што има фер и праведна конкуренција“, стои во честитката на Меџити

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Албин Курти

Градоначалникот на општина Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, му честиташе на претседателот на косовската Самоопределување, Албин Курти за резултатите од изборите. Меџити порача дека овој резултат е добра вест што доаѓа од Косово, додавајќи дека е „задоволство да се види новата победа на Курти“.

„Добра вест доаѓа од Косово. Уште една победа за Албин Курти и движењето Самоопределување. Драг Албин, големо задоволство е да се види твојата нова победа, уште поголема од претходните избори.

Демократските избори што се одржаа денес потврдуваат дека Косово веќе создаде вистинска демократска традиција, каде што има фер и праведна конкуренција.

Драг Албин, честитки од Скопје за твојот резултат“, напиша Меџити на социјалните мрежи.

Koaлицијата ВЛЕН има тесна соработка со таборот на Курти, при што еден од пратениците на ВЛЕН во македонското Собрание, Беким Ќоку е поранешен советник на Курти и доаѓа од редовите на косовското движење.

Според последниот пресек по пребројувањето на 99,26 проценти од гласовите на вонредните парламентарни избори, Самоопределување има 49,30 проценти и е на прво место со 429.979 гласови и 56 мандати.

Зад нив е Демократската партија на Косово со 21,01 процент и 23 мандати. Демократскиот сојуз на Косово е на третото место со 13,59 проценти и 15 мандати, објавуваат косовските медиуми.