Мицкоски: Нас ни одговара зголемување на минималецот бидејќи ќе имаме поголеми приходи во Буџетот

„Ако гледаме себично, тогаш можеме да кажеме уште од утре да се зголеми, но велиме дека сме Влада која што посредува меѓу работодавачите и работниците“, кажа Мицкоски за минималната плата

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Влада на РСМ

„Нас како Влада ни одговара зголемување на минималната плата бидејќи ќе имаме поголеми приходи во рамките на Буџетот. Ние сме работодавач на 100 илјади вработени, а државата има 705 илјади вработени. Тие 600 илјади ќе дојдат кај нас. Ако гледаме себично, тогаш можеме да кажеме уште од утре да се зголеми, но велиме дека сме Влада која што посредува меѓу работодавачите и работниците. Секој договор што ќе го постигнат, ние како Влада ќе го поддржиме“, рече премиерот Христијан Мицкоски околу евентуално зголемување на минималната плата во државата.

Говорејќи при посетата на ГАК при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Мицкоски повторно се повика и на последниот извештај од Евростат.

-Сакам да кажам неколку факти. Евростат пред некој ден кажа дека потрошувачката кошница во Македонија споредена со просек дефиниран како 100%, е најевтина во Европа, 72 – 73%. Сите во регионот, буквално, се со поскапа потрошувачка кошница од нашата. Имаме избори – дали веруваме на Евростат или на кошницата што ја креираат Бранимир Јовановиќ, Драган Тевдовски и Никола Попоски. Граѓаните се тие што треба да одлучат. Јас само ги цитирам Евростат и верувам на Евростат, рече Мицкоски.