Игор Станишев најдобар пожарникар, Кристијан Стефановски најдобар полицаец во Скопје

Доделени признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на град Скопје

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук

Денес, со особена чест и гордост, свечено ги доделив признанијата за најдобар пожарникар, полицаец и крводарител на град Скопје за 2025 година, сподели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.

Овие признанија, како што вели во објавата, им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги и дека нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот.

„Тие се пример дека храброста, чесноста и човечноста секогаш го наоѓаат својот пат“, истакна Ѓорѓиевски.

За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Како што посочи градоначалникот, станува збор за човек кој учествувал во гаснење на бројни пожари и интервенции за заштита и намалување на материјалните штети, а пред сè човек чија храброст и пожртвуваност резултирале со спасување на голем број човечки животи.

Признанието за најдобар полицаец за 2025 година му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош.

Предложен од СВР Скопје – ЕПСОНРС, Кристијан е препознаен поради својата исклучителна посветеност, професионализам и значаен придонес во остварувањето на бројни работни активности и постигнувањето конкретни резултати во полициската работа, додаде Ѓорѓиевски.

За најдобар крводарител е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст.

За неа градоначалникот посочи дека е симбол на тивка, но моќна хуманост, жена чија безрезервна желба да помогне и да спаси нечии животи претставува вистински пример за алтруизам и човекољубие. Со повеќе од 45 дарувања на крв, на свои 54 години, таа заслужено се вбројува меѓу најпосветените и најистакнати крводарители.

„Од срце им благодарам на овие херои. Тие се доказ дека вистинските вредности живеат меѓу нас и дека секој чин на храброст, пожртвуваност и хуманост го прави Скопје посилно и похумано место за живеење. Нека нивниот пример биде поттик и инспирација за сите нас, да бидеме подобри луѓе и да градиме град заснован на солидарност, одговорност и меѓусебна почит“, порача Ѓорѓиевски.

Слични содржини