11 години затвор за возачот кој во јули усмрти пешак на кејот на Вардар

Љури возел мотор „кавасаки“ без возачка дозвола и без кацига, а по несреќата два дена беше во бегство

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 Тв

Основниот кривичен суд – Скопје му изрече казна затвор од 11 години на Фатон Љури, кој на пешачка патека во Скопје со мотор го прегази 68- годишниот Југослав Николовски.

Фатон Љури на 1 јули годинава управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар го прегази Николовски и го напушти местото на несреќата.

Љури возел мотор „кавасаки“ без возачка дозвола и без кацига, а по несреќата два дена беше во бегство.

Покрај затворската казна, на обвинетиот му е изречена и забрана за управување со моторно возило од А категорија во траење од пет години, која ќе започне да се применува по правосилноста на пресудата.

Според пресудата, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, површина наменета исклучиво за пешаци, со брзина од 35 километри на час. Притоа, со страничниот дел од мотоциклот удрил во Николовски, кој како последица од тешките повреди на черепот и мозокот подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.