Премиерот Христијан Мицкоски во своето новогодишно обраќање до граѓаните порача дека 2025-та година не била лесна година туку година на сериозни предизвици и како што вели, година во која државата мораше прво да застане на нозе.
Според премиерот, после долг период на нестабилност, несигурност и на разнишани институции, како што порачува, беше неопходно да се направи стабилизација и консолидација.
-Тоа беше услов без кој не можеше да се оди понатаму. Реформите што ги отпочнавме не се козметички. Тие се длабински и суштински. Таквите реформи бараат време, но тие се предуслов за функционална држава и здраво општество.
Свесни сме дека за граѓаните најважно е како тоа се чувствува во секојдневниот живот. Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на раздвижување и година на преобразба! Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти. Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за стопанството и отварање можности за работа и развој. Година на вкупна преобразба на Македонија, истакна Мицкоски.
Премиерот потенцира дека постои обврска да се испорачаат резултати и да се оправда довербата од граѓаните.
-На сите ви посакувам здравје, мир и сила! Да влеземе во 2026 година со верба дека напорната работа ќе се исплати и дека Македонија ја движиме во вистинската насока. Среќна нова година, рече, меѓу другото, Мицкоски во обраќањето.