Македонските граѓани во 2025 најмногу јаделе леб и компир

Најголема сума од семејниот буџет, граѓаните издвојувале за месо - покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник 2025“ на ДЗС

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин

Според податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, на Државниот завод за статистика, најголема сума од семејниот буџет оди на месо и тоа 38.397 денари, по што следуваат млекото и млечните производи и јајца за што им биле потребни 30.411 денари.

Над 50 проценти од домашниот буџет на македонските домаќинства во текот на оваа година биле наменети исклучиво за храна и пијалаци. Најновите податоци од „Статистичкиот годишник 2025“ на Државниот завод за статистика откриваат дека едно просечно семејство трошело околу 159.750 денари годишно за храна и пијалаци.

Според статистиката, најголема сума од семејниот буџет оди на месо и тоа 38.397 денари, по што следуваат млекото и млечните производи и јајца за што им биле потребни 30.411 денари. За производи од жито оваа година семејствата трошеле по 25.079 денари, за зеленчук – 21.373 денари, за овошје – 9 932 денари, додека за шеќер и чоколади по 7.409 денари. Најмалку пари се трошат за риба, само 4.369 денари.

Во извештајот се наведува дека просечно домаќинство консумирало дури 172,3 килограми леб и 64 килограми компир.

Од зеленчук најмногу се јаделе домати и тоа по 33 килограми и пиперки – 30,4 килограми, додека гравот останува традиционален избор со речиси 15 килограми годишно.

Кај овошјето најмногу се консумирало јужно овошје и тоа 70,2 килограми, далеку пред јаболката со 31,4 килограм и бостанот.

Во категоријата месо, убедливо води живината со 45,6 килограми, по што следува свинското месо – 23,6 килограми. Јагнешкото и овчото месо се речиси отсутни од секојдневната трпеза со помалку од половина килограм на годишно ниво.

Од млечните производи, најмногу се пие јогурт и кисело млеко – 76,2 килограми, пресно млеко-73,4 литри и сирење годишно се јадело по 32,4 килограми.

Кога станува збор за пијалаците, безалкохолните доминираат со 181,6 литри и за тоа се трошеле по 6 293 денари.

Кај алкохолот најмногу се пиело пиво – 28,6 литри, вино – 4,6 литри и жестоки пијалаци – 1,9 литри, а годинава за тоа се давале по 4 309 денари.

Семејствата годинава трошеле по 14.285 денари за тутун, а за кафе, чај и какао по 4.951 денар.

Овие податоци се добиени преку „Анкетата за потрошувачка на домаќинствата“, која опфатила 5.040 домаќинства ширум државата. Најголемиот дел од опфатените семејства (над 92 отсто) се неземјоделски домаќинства кои живеат во урбани и рурални средини.