Откако дел од функционерите објавија на социјалните мрежи дека добиле опомени од системот „Безбеден град“ за пречекорување на брзината на управување со своите возила, денеска и лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев сподели со јавноста дека добил опомена. Според Апасиев, записникот е за возење со 51 километар на час, на место каде што е пропишано да се вози 50.
„Ај, шо ќе ми ја вади Мицика на говорница – да си ја извадам сам ОПОМЕНАВА (оти како е тргнат прајминистеров, кај и да е и сметкиве фискални шо ги скенираме ќе ни ги мафта у Собрание). p. s. Држава сме ние, нема заебанција. Казнуеме и за 51 km/h“, стои во објавата на Апасиев, покрај фотографија од опомената.
Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од 1 февруари 2026, потврди Министерството за внатрешни работи. Како што информираше министерот Панче Тошковски, за возење со брзина до 100 километри на час ќе се применува толеранција од шест километри, за брзини над 100 километри на час – осум километри, додека за брзини над 200 километри на час толеранцијата ќе изнесува 12 километри на час.
Во Скопје, каде што максимално дозволената брзина е 50 километри на час, системот ќе регистрира прекршок при возење од 57 километри на час па нагоре.