„Годинава што си оди ќе ја помниме по драматичните промени на меѓународниот поредок, незамисливите војни со огромни човечки жртви, забрзаната милитаризација, растечката климатска, еколошка и енергетска криза, маргинализираните меѓународни институции и суспендираното меѓународно право. Нашата надворешна и безбедносна политика беше европска надворешна и безбедносна политика, и во неа се промовиравме како видлив и почитуван актер“, вели претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова во своето новогодишно обраќање.
Претседателката истакнува дека како држава, во евроинтеграциските процеси се фокусиравме на исполнување на Копенхашките критериуми.
Потсетува дека за сите најтешкиот момент во 2025-та година беше трагедијата во Кочани и таа како сенка ќе нè следи цел живот.
-Останува обврската да не ги заборавиме нивните најблиски, но и повредените, а најмногу – правдата! Нивната немерлива жртва мора да направи подобри луѓе од сите нас, но и политички и правен систем којшто нема да дозволи нови невини жртви!
Посакувам Новата година да биде време на исчекор кон траен светски мир, потпрен на меѓународното право и на меѓународните институции, сакам ние да се вдомиме во Европската Унија, решени да живееме во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина!
Лично, секому од вас, му посакувам Нова година каква што најмногу сака, вели Сиљановска Давкова во новогодишната честитка.