Маж кој бил сведок на катастрофалниот пожар во барот во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, изјавил за „Скај њуз“ дека видел гости како панично се прегазуваат едни преку други додека се обидувале да избегаат од местото на трагичниот настан.
Самуел Рап бил во ресторан во близина на барот „Le Constellation“ кога избувнал пожарот околу 1:30 часот по локално време. Тој ги опишал сцените на кои сведочел како „ужасни“.
По пожарот, за кој се стравува дека одзеде најмалку 40 животи, околу 100 луѓе се повредени, од кои повеќето имале тешки изгореници.
Рап вели дека му било кажано дека имало „експлозија“ во објектот, по што се упатил кон местото на настанот.
„Имаше многу луѓе на влезот кои се обидувале да избегаат. Просторот беше преполн и луѓето се прегазуваа еден преку друг обидувајќи се да излезат“, изјавил тој за „Скај њуз“. „Многумина врескале додека се обидувале да избегаат, а видов и многу луѓе како лежат на подот.“
Тој додал дека видел лице како го покрива лицето на една од жртвите со јакна и дека „многу луѓе останале без коса поради изгорениците“. „Некои луѓе дури и немале облека“, рече тој.
Кога го прашале какви гости имало во барот „Le Constellation“, Рап рекол: „Луѓето доаѓаат тука од целиот свет“. Додал дека многу луѓе доаѓаат таму од Англија, Холандија и цела Швајцарија. „Луѓето беа на возраст меѓу 16 и 18 години. Ужасно е“, рекол Рап.
Репортерот на „Скај њуз“, Џејсон Фарел, од местото на настанот информирал дека луѓето со кои разговарал биле длабоко трауматизирани од трагедијата.
„Ова е целосен шок. Многумина сè уште се обидуваат да се соберат и да разберат што се случило. Ова е огромен шок за жителите на Кран-Монтана“.