Родителите од Кочани за трагедијата во Швајцарија: Од срце сме со вас како луѓе кои ја носат истата рана, стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме

„Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок“, порачаа од „Здружението на граѓани 16-ти март 2025“

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Радио Кочани

Родителите и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани реагираа со голема емпатија на трагедијата во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана, каде што најмалку 47 лица ги загубија животите откако настана пожар во бар. Членовите на „Здружението на граѓани 16-ти март 2025 година“, кои и самите ја преживеале трагедијата на ненадејно губење на најблиските во огнена стихија, упатија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Како што наведуваат, веста за пожарот во Кран-Монтана ги вратила во денот кога нивните животи засекогаш се поделиле на „пред“ и „по“.

„Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок.

Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана.

Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака. Да знаеш дека не си сам во болката. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме сила и надеж за закрепнување.

Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае. Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите нека им биде дадена сила да продолжат“, стои во објавата на Здружението.

Катастрофален пожар на новогодишна забава во бар во луксузниот скијачки центар Кран-Монтана во Швајцарија предизвика шок и разочарување. Повеќе од 40 лица загинаа, а 115 беа повредени, повеќето од нив сериозно.

„Ова е една од најлошите трагедии во историјата на оваа земја. Ние сме уништени“, рече швајцарскиот претседател Ги Пармелен, кој го нарече настанот „драмата во Кран-Монтана“.