Убиецот на турскиот државјанин уапсен на Косово, почнува постапка за екстрадиција

При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а тој извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот Ахмет Мерт Доган, кој починал на лице место

од Nikola Popovski
50 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин за кого постои основано сомнение дека е извршител на кривично дело – Убиство од член 123, како и едно кривично дело Убиство во обид односно согласно член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Во новогодишната ноќ, во кафе бар во Старата скопска чаршија, осомничениот 25-годишник со престојувалиште во Тетово започнал расправија со двајца други турски државјани на возраст од 22 и 23 години, од кои едниот со престојувалиште во Скопје, а другиот жител на германскиот град Есен.

По расправијата, двајцата оштетени со други лица заминале кон плоштадот, меѓутоа бидејќи не успеале да најдат такси повторно се вратиле кон чаршијата и поминале во близина на истиот кафе бар. При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а тој извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот Ахмет Мерт Доган, кој починал на лице место. Со еден удар му нанел телесна повреда – убодна рана во грбот и на другиот оштетен, со намера и него да го лиши од живот, по што побегнал од местото на настанот.

Во текот на вчерашниот ден беа преземени повеќе дејствија за обезбедување докази, беше наредена обдукција на починатиот, беа подигнати траги за вештачење, беа извршени разговори со повеќе лица, а беа обезбедени и снимки од видео надзор преку кои беше извршена идентификација на осомничениот.

Со дејствија на потрага истражните органи добија сознанија дека осомничениот се наоѓа во Косово, каде е лишен од слобода од косовските органи, така што јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор во отсуство врз основа на кој веднаш ќе биде иницирана постапка за екстрадиција.