МЗ за починатото дете: Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување

-И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, информираа од Министерството за здравство

од Nikola Popovski
37 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Министерството за здравство се огласи по повод смртта на двегодишното дете, кое било сериозно повредено од страна на метално страно тело (најверојатно заталкан куршум). Од таму велат дека и покрај сите напори, исходот на крајот бил трагичен. Испратија и сочувство до семејството и најблиските.

„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг.

Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување.

И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело.

Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти.

Уште еднаш апелираме до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје.

Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

И покрај борбата на лекарите, детето им подлегна на повредите. Повреденото дете во новогодишната ноќ беше примено во Градската општа болница, а поради сериозноста на повредите било префрлено на Клиниката за детска хирургија, каде лекарите констатирале обилно мозочно крварење.