Европски и американски претставници денес се собраа во Киев на нови разговори за предлозите за мировен договор со Русија. Според претседателот Володимир Зеленски, околу 15 земји го потврдија учеството на состанокот, вклучувајќи ги и претставниците на Европската Унија и НАТО. Американскиот тим ќе се придружи преку видеоконференција.
Средбата ќе се фокусира на темата за безбедносните гаранции што сојузниците можат да ги обезбедат на Украина. Средба на лидерите на таканаречената Коалиција на волните за поддршка на Украина е планирана за следната недела во Франција.
Во услови на тековните дипломатски напори, борбите не стивнуваат. Две лица беа убиени, а најмалку 20 беа повредени во рускиот напад врз станбена зграда во центарот на Харков.
Еден ден претходно, Русија ја обвини Украина дека предизвикала смрт на повеќе од 20 лица во напад врз кафуле и хотел во област на јужна Украина, во делот од Херсонската област контролиран од руските сили. Во исто време, украинските власти наредија присилна евакуација на над 3.000 деца, заедно со нивните родители, од десетици села во Запорожјето и Дњепропетровската област, на кои им се закануваа руските трупи.