ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека е на страната на, како што велат, соборениот венецуелски диктатор Николас Мадуро. Од партијата на власт забележуваат дека „дури и 48 часа по акцијата на САД, СДСМ немаат став за апсењето на сега веќе екс-претседателот на Венецуела“.
„Со тоа СДС се вбројува во ретките политички партии кои поддржуваат шверц и трговија на дрога, режим и диктатура. Не чувме никаков став ниту од лидерот на СДС кој во моментот е на скијање во зимскиот монденски центар Гармиш -Партенкирхен заедно со неговиот шеф Зоран Заев. Венко Филипче треба да објасни како неговата партија се претвори во идолопоклоник на диктатори и шверцери на дрога“, стои во партиското соопштение, во кое се додава дека „СДСМ веројатно под влијание на своите ментори и ПР стратези од северот се стави во групата партии поддржувачи на Мадуро“.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера соопшти дека Владата апсолутно стои до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер и предупреди дека критиките од европските земји треба да се гледаат во контекст на нивната тишина во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија.
– Таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право. И како тогаш сите тие се оглувеа и никој не го коментираше сето тоа, а сега одеднаш сите имаат мнение. Јас тоа би им го оставил на експертите. Но еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб – рече Мицкоски.