СДСМ преку соопштение порача премиерот Христијан Мицкоски, од една страна тврди дека ги поддржува САД во акцијата во Венецуела, а од друга страна изјавува дека била спротивна на меѓународното право. Од партијата прашуваат, пред оваа интервенција на САД, „кои беа единствените европски политичари и држави што отворено го поддржуваа и градеа соработка со Николас Мадуро“.
-Тоа беа најблиските сојузници и пријатели на Мицкоски: Виктор Орбан во Унгарија и Александар Вучиќ во Србија и сестринската партија на ВМРО-СНС. Вучиќ само пред неколку месеци најавуваше продлабочување на соработката со Мадуро, додека Виктор Орбан со години беше еден од неговите најгласни поддржувачи во Европа. Граѓаните одамна ја знаат поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски со неговата сестринска партија СНС на Вучиќ. Освен идентичните политики, „copy-paste“ сценаријата, СДСМ откри и конкретни бизнис-релации, преку скандалот со Алта банка, истакнуваат од СДСМ.
Според опозициската партијата, во своето последно интервју, премиерот Мицкоски отворено зборува и за својот „близок пријател“ Виктор Орбан – за кого велат дека е политичар кого Европската унија го обвинува за корупција, особено по скандалите со имотот што се води на име на неговиот татко.
-Што е заедничко за сите овие десничарски политичари? Заедничко е тоа што околу сите нив се отвораат тешки и сериозни теми за криминал, корупција и подривање на демократските институции. Во САД беше усвоен и Законот за Западен Балкан, потпишан од Доналд Трамп, со јасен и недвосмислен фокус на борбата против криминалот и корупцијата во регионот. По сите овие факти и по судбината на неговите најблиски политички пријатели, логично се наметнува едно прашање: дали Христијан Мицкоски спие мирно, прашуваат од СДСМ околу ситуацијата во светот по акцијата во Венецуела.