СДСМ: Цела структура на ВМРО во Алта Банка – Неделкова, баџанакот на Тошковски, Кадиевска-Војновиќ

Димитријевиќ потсети дека АКТ на СДСМ веќе објави „сериозен скандал со сомнителни зделки за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка“, институција која, како што беше нагласено, „во јавноста е препознаена како блиска до Вучиќ и структурите на СНС“

од Nikola Popovski
44 прегледи Фото: СДСМ

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска презентираше нови докази кои укажуваат на длабока и системска поврзаност на Алта банка со структури, финансиери и функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Акциите на САД против корупцијата, како и специјалниот Закон на САД за Западен Балкан, се силен показател дека се враќа фокусот за санкционирање на корупцијата и криминалот во регионот“, истакна Александар Саша Димитријевиќ генерален секретар на СДСМ, додавајќи дека ова е особено значајно за Македонија „заради врските и поврзаноста на актуелната власт во Македонија кои Антикорупцискиот тим на СДСМ целосно ги разоткри“.

Тој потсети дека АКТ на СДСМ веќе објави „сериозен скандал со сомнителни зделки за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка“, институција која, како што беше нагласено, „во јавноста е препознаена како блиска до Вучиќ и структурите на СНС“.

„Банкарот на Вучиќ – стана банкар и на Мицкоски во Македонија“, посочи Димитријевиќ.

За овој случај, Антикорупцискиот тим побара „Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова сомнително преземање и темелно да се испита потеклото на парите“, но, како што беше потенцирано, „до денеска нема никаква реакција од ниту една надлежна институција“.

Денеска беа објавени и нови имиња и нови врски. Во менаџерскиот тим на Алта банка, како што беше посочено, „стои името на Лидија Неделкова“, а во Надзорниот одбор е “Стевчо Јолакоски, баџанак на Панче Тошковски, актуелен министер во владата на Мицкоски“.

Дополнително, АКТ го посочи и „малку познатиот Марјан Закев, член на менаџерскиот тим“, со поврзаности со бизнис структури „познати по офшор-структурите и бизнис круговите блиски до Мијалков и Камчев, како и со предметот ‘Империја’“.

„Ако на ова се додаде и фактот дека за член на Управниот одбор на банката од Битола била избрана Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, сè е јасно. Ова е рентген слика за цела една структура – директен доказ за поврзаноста на Алта банка со ВМРО-ДПМНЕ, финансиерите и функционерите од оваа партија“, заклучи Димитријевиќ.