МФ: Исплатена транша од 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании

Овие средства се обезбедени преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка

од Vladimir Zorba
17 прегледи Фото: Локално

Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании, соопштија оттаму.

Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании.

Овие средства се обезбедени преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка.

„Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години“, велат од Министерството.

Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра.