Нафтената индустрија на Србија (НИС) објави дека договорила увоз на први количини сурова нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) за потребите на рафинеријата во Панчево, што ќе овозможи продолжување на производството во таа рафинерија.
Се очекува првите количини сурова нафта да бидат доставени до рафинеријата за нафта во Панчево следната недела, додека компанијата планира да увезе дополнителни количини сурова нафта.
Во согласност со динамиката на испораките, НИС планира да започне и со стартување на активностите во рафинеријата во Панчево.
На почетокот на декември минатата година, производствените капацитети во рафинеријата за нафта во Панчево беа суспендирани поради недостаток на сурова нафта за преработка, што е резултат на санкциите што ги воведе Министерството за финансии на САД врз НИС.
Специјална лиценца издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД на 31 декември 2025 година, ѝ овозможи на НИС да ги продолжи оперативните активности од 23 јануари оваа година, вклучително и продолжување на рафинериската преработка, увозот на сурова нафта и извршувањето на трансакциите потребни за безбедноста на снабдувањето и техничкото одржување.