Левица: Орце вели дека снегот не може да го изненади, а ЈСП најави редуцирање на линии и автобуси поради временските услови

Со соопштението на Град Скопје, тврдат од Левица, „практично се признава дека системот не е во состојба да функционира во елементарни зимски услови и дека наместо организација и засилување на превозот, се избира редукција и правдање со временските прилики“

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски - Orce Gjorgjievski

Додека градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски самоуверено порачува дека „снегот не може да го изненади“, официјалното соопштение на Градот Скопје и ЈСП најавува кратење линии и редуцирање на јавниот превоз, обвинија од Левица. Според партијата, како што велат, оваа очигледна контрадикторност ја оголува вистината дека институциите не се подготвени, туку однапред ја релативизираат сопствената неорганизираност и нефункционалност.

-Во услови на ниски температури и можни снежни врнежи, одговорна власт не редуцира, туку напротив – го зајакнува јавниот превоз. Зачестени линии, сигурни интервали и функционални возила се предуслов граѓаните да не бидат турнати на „тенок лед“, принудени да користат автомобили, да се заглавуваат во сообраќајни метежи и да ја ризикуваат сопствената безбедност поради недостапен или нерегуларен јавен транспорт, порачуваат од Левица.

Со соопштението на Град Скопје, тврдат од опозициската партија, практично се признава дека системот не е во состојба да функционира во елементарни зимски услови и дека наместо организација и засилување на превозот, се избира редукција и правдање со временските прилики.

-Тоа е директен доказ за управувачка неспособност и за целосна отуѓеност од реалните потреби на граѓаните. Особено е цинично што Орце Ѓорѓиевски и ДПМНЕ глумат кризен менаџмент и стабилност, додека токму нивната партија, заедно со Мицкоски, со години го разнебитува јавниот превоз: преку блокади на набавки, партиски поставувања во ЈСП и политичка незаинтересираност за секојдневниот пекол на патниците за што сведочи и сѐ уште нераспишаниот нов тендер за набавка на нови автобуси.

Со други зборови, „подготвеноста“ на Орце, ДПМНЕ и Мицкоски не значи подготвен систем, туку подготвена пропаганда. Подготвени се да се мачкаат очи и наоѓаат алиби за неспособноста и неодговорноста. Подготвени се за статуси и камери, но не и за реална организација. А цената за таа нивна неспособност повторно ја плаќаат граѓаните – смрзнати по постојки, заглавени во сообраќај и оставени без функционален јавен превоз, стои во партискиот став на Левица.