Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на социјалните мрежи објави фотографии од, како што вели тој, проштална средба со амбасадорката Агелер, која неодамна беше отповикана од должноста амбасадор на САД во Македонија.
-Денеска остварив проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Изразив благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата изразивме заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Воедно, разменивме мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што ја потврдивме заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО, објави Муцунски на Фејсбук.