Авионскиот превоз ја „вивна“ инфлацијата угоре – економскиот раст понизок од инфлаторниот !  

2025-та заврши со инфлација од 4,1% - стапка повисока од очекуваната. Годинава инфлацијата е проектирана на 2,5%. На почетокот од оваа година и фискалната и монетраната власт тврдат дека ценовниот притисок „попушта“. Што покажуваат статистиките ?

од Vladimir Zorba
39 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

2025-та заврши со месечен раст на инфлацијата за 0,4% но на годишно ниво стапката е зголемена за 4,1%. Според гувернерот Трајко Славески, инфалцијата е под контрола, а главната причина за месечниот пораст бил авионскиот транспорт.

Фото: НБ

„Статистичкиот пораст од 0,4 отсто на месечно ниво е резултат на поскапувањето на авионскиот превоз. Доколку се изземе категоријата транспорт, каде што цените пораснале за 5,8 отсто, главно поради растот од 42 проценти кај авионскиот превоз, месечната инфлација во декември би изнесувала точно нула проценти. Нивото на домашните цени во декември лани се непроменети. Авионскиот превоз е целосно странска компонента“ – напиша гувернерот на социјалната мрежа „Х“.

Точно е дека на месечно ниво, во декември во споредба со ноември најголем раст на трошоците на живот има кај транспоротот додека кај трошоците на живот за храна и безалкохолни пијалаци се намалени за 0,4% а  облека за 0,2%, но, исто така, статисиката покажува дека на годишно ниво, живеачката е многу поскапа.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Така, трошоците на живот за храна и безалкохолни пијалаци се зголемени за 5,2%, кај алкохолни пијалаци, тутун растот е за 5,9% ,зголемувањето на трошоците на живот за  мебел, покуќнина и редовно одржување во домаќинствата изнесува 4,6% а најголем пораст за 7,2% има за ресторани и хотели. Според сегашните буџетски прогнози годинава инфлацијата треба да се намали на 2,5%.

„Во текот на 2026 година стапката на инфлација се очекува да продолжи по надолниот тренд и во услови на очекувања на стабилни цени на енергенси и храна на меѓународните пазари е проектирана на ниво од 2,5%“ – се наведува во новиот Буџет за 2026-та.

Дел од економистите за „Локално“ посочија дека  стапката на инфлација во 2025-та веќе е извесно дека ќе биде повисока од стапката на раст на БДП – показател које е важен за стандардот на граѓаните.

Фото: Фејсбук

„Според Министерката за финансии, стапката на раст на новосоздадената вредност (БДП) во третиот квартал изнесува 3,6 %. Искажувањето на растот во релативни показатели (стапка, индекс, процент) го покажува трендот, но не и вредноста на растот на БДП. Доколку растот изнесува 3,8 % , тоа значи дека вкупната дополнителна нова вредност изнесува околу 350 милиони евра, што претставува вредност нешто поголема од обврските по камати на име на јавниот долг. Растот на БДП за 350 милиони евра на годишно ниво, не е доволен за раст на општествениот и животниот стандард на населението, ниту пак овозможува финансирање на инвестициите во економскиот развој“ – оцени во интерву за „Локално“ професорот Сами Беслими.

Според последните проценки на НБ, светските цени на примарните производи во 2026-та се очекува да се намалуваат, но сепак под ризик од геополитичките турбуленции.

Фото: Принтскрин

„Светските цени на примарните производи изразени во евра се претежно ревидирани надолу за периодот 2025 ‒ 2027 година, при што главно се очекува нивен пад во 2025 и 2026 година, а умерен раст во 2027 година. Сепак, движењата и оцените за цените на примарните производи се под силно влијание на геополитичките случувања и климатските промени, што создава висока неизвесност околу нивната идна динамика и ефектите врз светската и врз домашната економија“ – се наведува во последниот Извештај на НБ.

Според сегашните проценки  годинава глобалната инфлација се очекува да изнесува 3,7%, во развиените земји 2,2% додека  во земјите во развој  4,7%.

Д.А.