Апасиев: Нас ни е сеедно дали се СДСМ или ДПМНЕ на власт, ние секако го јадеме стапот

„Техничката влада е бирократски остаток од едно време кога Македонија беше третирана како протекторат“, рече Апасиев пред почетокот на лидерската средба

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев денеска пред почетокот на лидерската средба порача дека едно од неговите барања е измената на изборниот модел и воведување на една изборна единица.

-Нашите барања веќе ги изјаснивме – промена на Изборниот законик кое е неминовно за следни избори бидејќи Левица е единствената досега цензурирана партија во овие 35 години на плурализам. Исто така имаме и економски барања поврзани со синдикатите кои ќе ги изнесеме внатре. Не очекуваме ништо знаејќи го досегашниот однос на властодршците од ДПМНЕ, но секогаш има прва шанса, рече Апасиев.

Што се однесува до Пржинската влада, лидерот на Левица вели дека немаат никаков проблем да се укине бидејќи, како што вели, сметаме дека е бирократски остаток од едно време кога Македонија беше третирана како протекторат.

-Нас ни е сеедно дали се СДСМ или ДПМНЕ на власт, ние секако го јадеме стапот, кој и да е на власт, па не ни е неприфатливо да ја укинеме Пржинската влада и по тоа прашање немаме никакви дилеми, но за другите прашања ќе инсистираме комплетно да се прифатат нашите барања особено при шпекулациите дека ќе се распишуваат предвремени избори. Доколку се распишат со овој Изборен законик ние повторно ќе бидеме цензурирани и оттука е нашиот интерес да присуствуваме на оваа средба, истакна Апасиев.