Трајковски: Тие што се против техничка влада признаваат дека не веруваат во фер изборен процес, ниту пак им треба истиот, доколку немаат контрола врз него

„Отпорот кон техничка влада не е само прашање на принцип, туку и јасен сигнал за намерата да задржат нефер предност и да преземат предизборни манипулации“, смета проф. Трајковски

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

 Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, кој коментира разни теми од општеството, смета дека изборите треба да ги организира техничка влада, без разлика на тоа која партија во моментот е на власт. Според него, тоа е единствениот механизам што барем делумно обезбедува рамен и фер терен за сите учесници во изборната трка.

„Во спротивно, секоја влада доаѓа во искушение да ги користи институциите, државните ресурси и влијанието од позиција на власт во своја корист. Отпорот кон техничка влада не е само прашање на принцип, туку и јасен сигнал за намерата да задржат нефер предност и да преземат предизборни манипулации. Тие што се против вакво решение всушност признаваат дека не веруваат во фер изборен процес, ниту пак им треба истиот, доколку немаат контрола врз него“, посочува професорот, додавајќи дека од такви позиции навистина треба да се срамат.

„А граѓаните нека бидат свесни со какви луѓе и политички партии имаат работа“, заклучува Трајковски.

„Сите што одат на средба со Мицкоски ги легитимираат криминалот и корупцијата. Техничката влада мора да остане, таа е единствен механизам за фер избори“, велат од СДСМ. Тие денеска не присуствуваат на лидерската, порака испратија од прес-конференцијата која ја одржа Александар Саша Димитријевиќ, генералниот секретар на партијата. Социјалдемократите посочуваат дека средбата е алиби за веќе договорени предвремени избори и начин да се скрие криминалот на власта.