Доколку нема согласност од сите партии, Касами предлага укинување на техничката влада по парламентарните избори во 2028

Што се однесува до евентуална промена на Изборниот законик, еден од лидерите на ВЛЕН рече дека треба да се најде можност за поголемо учество на дијаспората

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/МИА

Лидерот на ВЛЕН, Биљал Касами ја поздрави денешната лидерска средба во Клубот на пратеници. Истакна дека имало конструктивна дискусија меѓу лидерите. Во делот на техничката влада, Касами рече дека е за нејзино укинување, а ако нема целосна согласност од партиите, укинувањето да важи после наредните парламентарни избори.

-Ако нема согласност сега, и овие (редовните парламентарни) избори да се организираат со техничка, а после тоа да нема, додаде Касами во присуство на пратеникот од неговата коалиција, Беким Ќоку.

Што се однесува до евентуална промена на Изборниот законик, еден од лидерите на ВЛЕН рече дека треба да се најде можност за поголемо учество на дијаспората. За изборните единици, Касами информира дека немаат јасен став околу тоа прашање, но дека најважно е ако се одлучи да има една изборна единица, ВЛЕН е за да се оди со отворени листи.