Во моментот на инцидентот во близина се наоѓале комунални работници, меѓу кои и хигиеничарката Олха, која по експлозијата продолжила со работа, пренесува Украинска Правда.
„Мислев дека е мина“
Кога била вклучена воздушната тревога, 59-годишната Олха, која веќе десет години работи како хигиеничарка, не заминала во засолниште и се наоѓала во близина на местото на експлозијата. По падот и детонацијата на дронот „Шахед“, чии делови паѓале во нејзина близина, таа продолжила да го чисти снегот.
„Стоев со колешка и ја чистевме автобуската постојка. Не знаев дека нешто ќе долета. Потоа ни рекоа да бегаме и леталото прелета точно над нашите глави. Се слушна тап, но многу силен удар“, раскажа Олха.
„Помислив дека е мина, но полицаецот ми рече дека бил ‘Шахед’“, додаде таа.
Градоначалникот на Лавов: „Вашата храброст ги импресионираше сите“
Подоцна, градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, телефонски ја контактирал Олха за да праша како се чувствува, а таа одговорила дека е добро.
„Не знам дали да ви се заблагодарам или да ве укорувам. Вашата храброст денес ги импресионираше сите во Украина. Ви благодарам за службата кон заедницата и за вашата работа. Ќе ве наградиме и посебно. Но, кога има воздушна тревога, ве молам, чувајте се и останете на безбедно. Разбирам дека работата мора да се заврши, но вашата безбедност е на прво место“, ѝ рекол Садовиј.
Снимката на која се гледа Олха на местото на настанот брзо се прошири на интернет, а Украинците ја пофалија нејзината смирена реакција по експлозијата.
„Ниво на отпорност на стрес кон кое се стремам“, напиша една корисничка на социјалните мрежи. Историчарот и новинар Вахтанг Кипиани додаде: „Нервниот систем на оваа Украинка, Олха од Лавов, треба да биде прогласен за нематеријално културно наследство на УНЕСКО“.
Последици од нападот
Во нападот нема загинати. Ударниот бран полесно погодил возач на трактор кој чистел снег во близина, но тој е во добра состојба.
Според претходните информации, оштетени се девет станбени згради со скршени прозорци. Оштетени се и витражите на црквата „Света Олга и Елизабета“, како и прозорците на Основното училиште бр. 55, блискиот колеџ и две згради на Националниот универзитет „Лавовска политехника“.