Нетанјаху: Втората фаза од примирјето во Газа е симболична, нападите продолжуваат

Во израелските напади во централниот дел на Појасот Газа денеска загинале шест лица, меѓу кои и три жени, само еден ден откако САД соопштија дека кревкото примирје треба да премине во втора фаза.

од desk4
42 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја оцени најавата за втората фаза од прекинот на огнот како претежно симболична, доведувајќи го во прашање начинот на кој ќе се спроведат нејзините покомплексни елементи, пренесе N1info.rs.

Во разговор со родителите на последниот израелски заложник чии посмртни останки сè уште се наоѓаат во Газа, Нетанјаху изјавил дека најавениот управен одбор на Палестинците, предвиден во рамки на втората фаза, претставува „декларативен потег“, а не вистински напредок, како што го опиша американскиот пратеник Стив Виткоф.

Родителите на израелскиот полицаец Ран Гвилија претходно апелирале до Нетанјаху да не се продолжува со примирјето сè додека не бидат вратени посмртните останки на нивниот син, соопшти Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите во Израел. Нетанјаху, според нив, им порачал дека враќањето на нивниот син останува еден од главните приоритети.

Иако најавата за втората фаза од примирјето се смета за значаен чекор напред, таа остави низа отворени прашања. Меѓу нив се составот на предложениот аполитичен управен одбор од палестински експерти и меѓународниот „Комитет за мир“, како и временската рамка за распоредување меѓународни сили.

Дополнително, нејасно е и кога ќе биде повторно отворен јужниот граничен премин Рафа, како и кои ќе бидат конкретните чекори за разоружување на Хамас и за обнова на Газа. Еден израелски функционер, кој зборувал под услов на анонимност, изјавил дека составот на одборот бил усогласен со Израел.

Во интервју за радиото „Басма“ од Западниот Брег, Али Шат, инженер и поранешен функционер на Палестинската управа кој се очекува да го предводи одборот, изјави дека обновата и закрепнувањето на Газа би можеле да траат околу три години, почнувајќи од итните потреби како сместување.

„Ако донесам булдожери, ги турнам урнатините во морето и создадам нови острови, ново копно, тоа е победа за Газа и ослободување од урнатините“, изјави Шат, кој потекнува од Газа.

Палестинците во Газа кои зборуваа за Асошиејтед прес изразија сомнеж дека преминот во втората фаза ќе донесе реална промена на терен, укажувајќи на континуираното крвопролевање и тешкотиите во обезбедувањето основни животни потреби.

Според Министерството за здравство во Газа, повеќе од 450 лица се убиени откако Израел и Хамас во октомври постигнаа договор за прекин на борбите.