Експерти поделени околу измените на Кривичниот законик: дел бараат доработка, други ги поддржуваат решенијата

Низа забелешки, но и спротивставени ставови, беа искажани на јавната расправа за предложените измени на Кривичниот законик, каде што експерти од областа на кривичното право дебатираа за контроверзните законски решенија.

од desk4
13 прегледи Фото: МВР

Најмногу внимание беше посветено на членот 353, кој се однесува на злоупотребата на службената положба, особено по измените од 2023 година со кои беа амнестирани функционери, како и на одредбите поврзани со кривичните дела регистрирани преку системот „Сејф сити“, пренесе ТВ21.

Професорката Ана Чупеска оцени дека предложените измени не носат суштински реформи, туку претставуваат форма на правна козметика.

„Не мора да бидете кривичар за да препознаете кога правото престанува да биде штит за граѓаните и се трансформира во инструмент на моќта и заштитник на политичките елити. Се воочува свесно амнестирање на службени злоупотреби преку перфидни би рекла јазични замки и преку субсидијарни клаузули“, вели Чупеска.

Спротивно на тоа, професорот Сејфула Османи предложи конкретно дополнување на законот, со цел делата поврзани со злоупотреба на службената положба да не застаруваат, како што е пракса во Албанија.

„Јас би додал уште еден став во тој член 353, одредбите од член 107 до 111 од КЗ за застареност не важат за ова кривично дело а ниту за кривичното дело 353 В“, рече Османи.

Поинаков став изнесе адвокатката Ружица Николовска, која смета дека предложените измени претставуваат чекор напред.

„Конкретниов предлог на текст со членот 353, измените во тој дел, го поздравувам и сметам дека се врши една корекција. Се додава и искористување на службената положба или овластување на лицето а видно од самата одредба се зголемуваат казните односно се заострува казнената политика“, подвлече Николовска.

Сепак, адвокатот Звонко Давидовиќ предупреди дека законот содржи сериозни недоследности и дека е неопходна негова дополнителна доработка. Како проблем го посочи отсуството на одредби за одземање на имотната корист кај функционерите, но и нелогичностите во делот за „Сејф сити“.

„Се предвидува кога може да се одземе возило ако вози 50 или 70 километри зависно од местото каде. Но никаде не се предвидува да се одземе возило заради 1,5 промили алкохол или дроги кое што е поопасно. 50 километри или 1,5 промили алкохол? Страшно“, коментира Давидовиќ.

Инаку, измените на Кривичниот законик следуваат по серија критики од Европската комисија, како и по инсистирање на претседателот на Уставниот суд. Паралелно, во Министерството за правда работна група подготвува целосно нов Кривичен законик, но засега нема информации кога тој би се нашол на собраниска седница за усвојување.