Сиљановска Давкова: Техничката влада е партиска конструкција без уставна поткрепа, не е време за предвремени избори

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека директните средби меѓу лидерите на политичките партии се покорисни од разговори преку посредници, особено во поделено општество како македонското.

од desk4
10 прегледи Фото: Фејсбук

Според неа, неодамнешната лидерска средба оставила впечаток на „релаксирана атмосфера“, но оцени дека на состанокот требало да присуствува и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

Во гостување на ТВ Сител, Сиљановска Давкова се осврна на повеќе теми што беа отворени на лидерската средба, меѓу кои и техничката влада, измените на Изборниот законик и евентуалните предвремени парламентарни избори.

„Како професорка како и многу други мои колеги би рекла дека лидерските средби ги јакнат лидерите, но ги слабеат институциите, но во поделено општество како што е нашето и во рамки на консоцијативната демократија што ја вградивме не само во праксата туку и во Уставот добро е понекогаш да се сретнат. Многу подобро одошто да разговараат со посредници, амбиентот е поинаков, луѓето се однесуваат поинаку. И тогаш кога се надвор од очите на јавноста успеваат да бидат поприродни. Резулатот го видовме, сите беа релаксирани уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар. Мислам дека недостигаше и требаше таму да биде лидерот на опозицијата Венко Филипче“, изјави претседателката.

Неучеството на Филипче, според неа, било негова лична грешка.

„Подобро е да седнете некого, да чуете, подобро е да ги чуете и другите па да дадете изјава“, додаде Сиљановска Давкова.

„Техничката влада нема уставен основ“

Говорејќи за моделот на техничка влада, претседателката беше децидна дека станува збор за препартиска структура која нема уставна поткрепа.

„Имаме препартиска изборна влада во која седат најоданите партиски луѓе, која и покрај тоа што функционира нема уставен основ“, рече таа.

Сиљановска Давкова појасни дека во компаративната уставна пракса, техничките влади се формираат во услови на криза или пред избори и најчесто се експертски.

„Нашата влада се вика техничка, но нема ништо техничко во неа. Техничкото секогаш се врзува за стручност и компетентност, а никогаш не за партиска припадност. Ние имаме препартиска изборна влада… Во Уставот во делот за влада нема да најдете никаде дека има преодна или техничка влада“, нагласи таа, укажувајќи и на „чудни функции“ како дополнителни министри и заменици со право на вето.

Според претседателката, проблематични се и одредени надлежности на Државна изборна комисија во рамки на овој модел, особено кога станува збор за финансиски спорови.

Не е време за предвремени избори

Сиљановска Давкова оцени дека во овој момент не би било добро да се оди на предвремени парламентарни избори.

Како што посочи, државата има започнати сериозни процеси и проблеми што треба да се довршат, наместо повторно да се влегува во изборен циклус.

Изборниот законик – реформи на почеток, не на крај од мандатот

Претседателката порача дека е вистинско време лидерите да седнат и да креираат трајни решенија за измените на Изборниот законик, но тоа да се направи на почетокот, а не на крајот од мандатот.

„Битна измена би била околу начинот на трансформирање на добиените гласови во мандати и како ќе ја третираме државата, како една изборна единица или како поделена“, истакна таа.

Според неа, една изборна единица ја гарантира еднаквоста на гласот, но постои ризик од концентрација на одлучувањето во центарот.

„Не е само изборната единица, туку се и бројот на потписите за независни листи, финансирањето, рекламирањето, препораките на ОБСЕ и Венецијанската комисија… Време е да седнат и да креираат решенија, не на крајот на мандатот, туку на почетокот“, порача Сиљановска Давкова.