Кумановци вработени во странство протестираат против присилна наплата на даноци, бараат ревизија на решенијата

Граѓани од Куманово кои во изминатите години работеле за американски компании во воени бази во Ирак и Авганистан, повторно излегоа на протест пред Управа за јавни приходи, барајќи запирање на присилната наплата на даночните обврски и преиспитување на донесените решенија.

од desk4
11 прегледи

Протестантите апелираат надлежните институции да ги земат предвид доказите за нивниот престој и работа во странство меѓу кои пасоши со гранични печати и потврди од странски работодавци со цел, како што велат, да се утврди реалната даночна состојба. Тие нагласуваат дека не одбиваат да плаќаат даноци, но инсистираат на правична, законска и индивидуална примена на прописите.

Засегнатите информираат дека веќе поднеле претставки до Народен правобранител, како и барања до повеќе институции, меѓу кои Управата за јавни приходи, Владата, Амбасада на САД во Северна Македонија и Совет на Општина Куманово, со цел системско решавање на проблемот.

Општина Куманово со рокови за даночни пријави

Паралелно со протестите, Општина Куманово преку Секторот за даноци и такси ги повика даночните обврзници најдоцна до 31 јануари да поднесат даночна пријава за утврдување данок на имот, како и пријава за комунална таксa, фирмарина.

Раководителката на секторот, Фросина Краљевска, појасни дека законската обврска се однесува на сите физички и правни лица кои во текот на 2025 година стекнале недвижен имот или започнале со негово користење, а не поднеле соодветна пријава.

„Секторот за даноци и такси секоја година во јануари доставува јавна покана до даночните обврзници кои во претходната година стекнале недвижен имот, а не поднеле пријава. Рокот до 31 јануари е последна можност за усогласување на податоците пред да започне генерирањето на решенијата за данок на имот“, изјави Краљевска.

Таа најави дека решенијата ќе бидат изготвени во почетокот или средината на март 2026 година, по што ќе следи нивна дистрибуција. Законот предвидува обврска секој граѓанин да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од стекнување или користење на недвижен имот, а истото важи и за правните лица во однос на комуналната такса – фирмарина.

Од секторот посочуваат дека веќе располагаат со податоци од Централен регистар, а решенијата за комуналната такса се во завршна фаза и се очекува да бидат генерирани до крајот на јануари.

„Ги повикуваме правните субјекти кои се во процес на ликвидација навремено да се обратат до секторот, со цел да се избегне издавање на решенија и дополнителни административни постапки“, додаде Краљевска.

Од Општина Куманово потсетуваат дека непочитувањето на законските рокови за поднесување даночни пријави повлекува парични санкции согласно Законот за даноци на имот.