Во духот на традицијата во пресрет на големиот празник Богојавление – Водици, денеска градоначалникот Сотир Лукровски присуствуваше на Свечената богослужба во храмот Св. Пантелејмон, заедно со голем број верници. По утринската литургија, првиот човек на Општината се упати кон „Железниот мост“ во Влае, од каде што го следеше осветувањето на водите во реката Вардар. -Бог се јави, навистина се јави, е денешниот поздрав на овој голем ден.
Во светите води на реката Вардар имаше голем број верници, но само еден имаше среќа да го фати крстот, а тоа беше момче од населбата Влае. Му посакуваме здравје и среќа да го прати низ годините. Општина Карпош како и секоја година, се вклучи во организацијата на овој настан, со финансиска помош и технички дел, екипи кои беа задолжени за безбедноста на пливачите.- рече првиот човек на локалната самоуправа.
Свештените лица од црквата „Св. Пантелејмон” од Нерези и црквата „Св. Петар и Павле” од Ѓорче Петров кои заедно го одбележуваат овој празник, го положија крстот во реката Вардар, при што најголема среќа имаше Теодор Димчески од населбата Влае, прв доаѓајќи до оваа света реликвија.
Инаку, како секоја година така и оваа, беа вклучени членови од просторната единица за заштита и спасување при Општина Карпош, кои се лиценцирани спасители на отворени води. За таа цел и заради поголема безбедност на пливачите кои влегоа во реката, беше употребен чамец и безбедносни јажиња кои се дел од опремата на просторната единица за заштита и спасување на локалната самоуправа. На оваа долгогодишна манифестација, присуствуваа голем број граѓани од двете општини, како и претставници и Советници од Општина Карпош и Општина Ѓорче Петров, соопштија од Општина Карпош.