СДСМ: Бараат оставка од Филипче – Монти Пајтон политиката на ВМРО

„Добро, ајде, знаеме дека лажно се грижат за нас како многу загрижени тетки, но да бараат оставка од нашиот претседател? Па, тоа ни Монти Пајтон не би го смислил – би рекле дека е преапсурдно дури и за нивните скечеви“, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

„Каде се случило владејачката партија да бара оставка од претседателот на опозиционата партија? Тоа е апсолутен апсурд, достоен за сценарио од Монти Пајтон“, велат од СДСМ по повиците од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ дава секојдневни совети и сугестии за подобрување на СДСМ, па дури сака да го бира и претседателот на партијата.

-ВМРО, наместо да се фокусира на огромните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, се претвори во партија која по цел ден се занимава со криминални тендери и со напади врз СДСМ. Како да се „консултанти“ а не партија.

А сега и бараат оставка од претседателот Венко Филипче? Знаеме дека сакаат контролирала опозиција, но тоа треба на друго место да го бараат, не во СДСМ. Што очекуваат следно? СДСМ да ѝ каже на власта: „Ви благодариме што сте на власт, ве молиме останете уште!“

Каде е логиката? Во циркусот на Монти Пајтон, можеби и во ВМРО, никаде на друго место, стои, меѓу другото, во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ продолжија со обвинувањата дека Венко Филипче и Зоран Заев сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев. Како што истакна пратеникот Бране Петрушевски, Филипче и Заев преку својата политичка моќ и државните институции му вршеле притисоци на Жан Митрев за да му ја земат болницата.

„Според изјавите на доктор Жан Митрев, Заев и Филипче рекле дека тие ќе ја одредат вредноста за откуп на уделите во болницата а за возврат ќе му помогнат во судскиот процес. Дали е ова моделот по кој Филипче сака да ја води Македонија доколку повторно дојде на власт. Наместо да поднесе оставка и да ја препушти СДС на чесни и млади луѓе Филипче ја држи фотелјата на Заев и продолжува да работи по негови насоки.“, вели Петрушевски.