Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис коментираше за зголемувањето на тензиите меѓу земјите од ЕУ и САД, поради коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со анексијата на полуавтономниот дански остров Гренланд од страна на САД, објави онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
За време на панел-дискусијата во Атина вчера, Мицотакис рече дека секој обид за промена на статус кво во Гренланд би бил „катастрофален“ и би се сметал за „директен предизвик за НАТО“.
„Ова би можело да биде „последната капка“ во нашите веќе тешки односи со САД. Гренланд е дел од Кралството Данска и тоа не може да се доведе во прашање“, рече Мицотакис.
Тој исто така додаде дека САД „се во право (кога велат) дека нордиските земји треба да сторат повеќе за безбедноста на Арктикот“, истакнувајќи дека верува дека имаат способност да градат бази во Гренланд, да испраќаат повеќе војници таму и да имаат финансиска корист од островот.