Норвешката војска почна да испраќа писма до сопствениците на недвижнини, возила, бродови, машини и друг имот, предупредувајќи ги дека нивниот имот може привремено да биде запленет во случај на војна или сериозна безбедносна криза. Писмата се дел од рутинската практика на „подготвителни реквизиции“.
„Целта на реквизициите е да се обезбеди вооружените сили во воено време да имаат пристап до ресурсите потребни за одбрана на земјата“, се вели во соопштението на норвешката војска. Писмата немаат практични последици во мирно време, само ги информираат сопствениците дека нивниот имот може привремено да биде запленет ако избувне конфликт.
Генерал-мајор Андерс Јернберг, раководител на организацијата за воена логистика, ја нагласи важноста на подготовката. „Важноста на подготовката за кризи и војна драматично се зголеми во последните години. Норвешка е во најсериозната безбедносна и политичка ситуација од Втората светска војна. Нашето општество мора да биде подготвено за кризи во безбедносната политика, а во најлош случај за војна… преземаме големо зајакнување на воената и цивилната подготвеност“, рече тој.
Норвешка дели копнена граница од 198 км и морска граница со Русија во арктичкиот регион. Осло внимателно го следи проширувањето на руските воени бази на полуостровот Кола, каде што се наоѓа еден од најголемите арсенали на нуклеарно оружје во светот.
Норвешкиот министер за одбрана Торе О. Сандвик предупреди во неодамнешно интервју за The Telegraph: „Русија гради на полуостровот Кола… каде што се наоѓа еден од најголемите арсенали на нуклеарни боеви глави во светот. Тие не се насочени само кон Норвешка, туку и кон Велика Британија, а повеќе од половина кон Канада и САД. Москва, исто така, се обидува да преземе целосна контрола врз арктичкиот регион за да го блокира пристапот на НАТО до клучните бродски правци. Ние сме очите и ушите на НАТО во оваа област и ги гледаме како тестираат ново оружје, на пример, хиперсонични ракети и торпеда на нуклеарен погон и нуклеарни боеви глави“, рече тој.
Русија и Кина се стремат да го прошират своето влијание на Арктикот, каде што топењето на мразот отвора нови бродски правци и пристап до ресурси, зголемувајќи ја стратешката тензија. Писмата доаѓаат во време на дипломатска криза меѓу САД и Европа поради инсистирањето на претседателот Доналд Трамп да го преземе Гренланд, објавува „Телеграф“.