Фрчкоски: Како и во времето на Груевски, „Алфа“ повторно функционира како центар за црни кампањи, јавен линч и координирани напади

„Алфа ТВ како пропаганден столб и политичка алатка на ВМРО-ДПМНЕ“, обвини Фрчкоски

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски денеска преку прес-конференција објави дека граѓаните ќе видат, како што вели, зошто токму преку Алфа телевизија се водат црните кампањи, хајки, јавниот линч врз неговата партија и лидерот на партијата, Венко Филипче.

Фрчкоски обвинува дека „Алфа“ делува како политичка алатка на ВМРО-ДПМНЕ и дека докторот Жан Митрев беше искористен. Според него, зад телевизијата стои Петер Шац, унгарски медиумски бизнисмен и човек од тесниот круг на Виктор Орбан.

-Преку компанијата CHS Invest Group, Шац контролира 57% од „Алфа Скоп ДОО“, фирма – стопроцентен сопственик на телевизијата. Контролата ја презема во 2017 година – токму во периодот кога Орбан започнува агресивна експанзија на своето медиумско влијание на Балканот.

Петер Шац е познат по блиските врски со Виктор Орбан и неговата партија Фидес, при што неговите медиумски активности често се користат за промоција на агендата на Орбан, вклучувајќи ширење пропаганда и финансиски трансакции кои биле под истрага поради сомнежи за перење пари.

Пред тоа, Алфа била во сопствеништво на српски бизнис-структури, меѓу кои и групацијата Comtrade на Веселин Јевросимовиќ – човек со документирани релации со Александар Вучиќ и СНС. Континуитетот е очигледен: сопствениците се менуваат, политичката линија останува иста.

Орбан е поврзан со бизнисите на Шац, но особено е важна врската со Хабоњи и поддршката за Груевски (на кому Орбан му даде азил). Во 2020 година, Шац беше обвинет за даночна измама во Северна Македонија поради непријавување на приход од 190.000 евра во неговата компанија CHS Invest Group, истакна Фрчкоски.

Фрчкоски потенцира дека „Алфа телевизија“ не е „само медиум“, туку е, како што вели, политички проект.

-Проект кој произлегува од пропагандна матрица, финансиран преку сомнителни шеми, со документирани врски со политичка и бизнис структура на оската Орбан-Вучиќ-Мицкоски.

Постојаните црни кампањи, нападите врз опозицијата, врз СДСМ антиамериканските и анти-ЕУ наративи не се „грешка на новинар“. Тие се директен производ на сопственичката, финансиската и политичката структура зад медиумот.

Како и во времето на Груевски, Алфа повторно функционира како центар за црни кампањи, јавен линч и координирани напади, овојпат со регионална поддршка. Ова е нивното разоткривање, рече, меѓу другото, членот на ИО на СДСМ.