Се подготвуваат блокади на УСЈЕ, компанијата вели работат по правила

Граѓаните изразуваат длабока недоверба кон сопствените мерења на фабриката и пасивноста на државата, додека Скопје континуирано се соочува со критични нивоа на аерозагадување, велат организаторите на протестот

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: УСЈЕ

Иницијативата „Стоп за УСЈЕ“ за денеска најави протест со блокирање на крстосницата кај цементарницата, барајќи итен независен мониторинг и институционална реакција против загадувањето. Граѓаните изразуваат длабока недоверба кон сопствените мерења на фабриката и пасивноста на државата, додека Скопје континуирано се соочува со критични нивоа на аерозагадување, велат организаторите.

Дел од нивните барања се континуирани мерења на квалитетот на воздухот од страната на мерната станица поставена од Општина Кисела Вода кај УСЈЕ и јавно објавување на резултатите, казни доколку биде забележано надминување на дозволениот праг, а при надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на фабриката, вклучително и рудниците.

Овој механизам на „само-мониторинг“ создава сериозен конфликт на интереси и длабока недоверба кај јавноста. Барањето на демонстрантите е јасно: воведување на независни мерни станици под директна контрола на Државниот инспекторат за животна средина или независни тела, кои ќе овозможат 24-часовен мониторинг во реално време. Ваквиот пристап би ја елиминирал можноста за манипулација со податоците и би дал реална слика за тоа дали индустрискиот гигант ги надминува дозволените гранични вредности.

Од другата страна, менаџментот на Цементарница УСЈЕ, која е дел од грчката Титан Групација, континуирано ги отфрла обвинувањата дека е главен загадувач на Скопје. Компанијата се повикува на поседувањето на А-интегрирана еколошка дозвола и тврди дека работи строго според законските прописи.

„Во интерес на вистината би сакале повторно да ги истакнеме фактите дека ТИТАН Усје целосно ја почитува законската регулатива во сите области од своето работење, ги применува светските добри практики во производство на цемент и на јасен и транспарентен начин комуницира со сите засегнати страни.

Имено, согласно домашната регулатива, која во овој сегмент е идентична со онаа на Европската унија, ТИТАН Усје како компанија носител на А-интегрирана дозвола, е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни. Граничните вредности на емисиите утврдени во дозволата која ја поседува ТИТАН Усје  се построги од оние пропишани со Законот. И покрај тоа, компанијата, во своето работење, не ги надминува вака дефинираните  дозволени гранични вредности. Тоа е овозможено со високоефикасен, комплексен систем на современи филтри кои фабриката ги има инсталирано и задолжително работат секогаш кога работат и производните линии. Покрај тоа компанијата континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Имено, во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување  на заштитата на животната средина.

Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.

Сите независни студии укажуваат дека , индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.

Како компанија која во целост работи согласно утврдените законски рамки, секогаш ќе настојуваме на почитување на принципите на владеење на правото. Како активен член на заедницата во изминатите 70 години, подготвени сме да помогнеме во сеопфатно решавање на системскиот проблем, со цел да се надминат состојбите со лошиот квалитет на воздухот во градот, што е во интерес на сите нас. Притоа секогаш ќе инсистираме на соработка и дебата базирана на факти и докази, а не на паушални заклучоци и ќе бидеме јасни и прецизни во нашиот став – изворите да се бараат на вистинските места“, се додава во соопштението.

Денешниот, втор протест и блокада на сообраќајот се најавени за 18 часот. Локацијата на протестот е крстосницата помеѓу булеварот „Борис Трајковски“ и булеварот „Србија“, која претставува клучна сообраќајна артерија што води кон индустрискиот капацитет.