Сиљановска Давкова: Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања – да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш ветоизација

„Не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор“, порача претседателката пред дипломатскиот кор

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Претседател.мк

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова приреди традиционален годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, во Охрид. Поздравувајќи ги дипломатите, претседателката ним лично, на нивните семејства, како и на државите и народите кои ги претставуваат, им посака сè најдобро.

Во обраќањето, таа ја истакна важноста на културната, економската, спортската и научната, покрај традиционалната дипломатија. Според претседателката, дипломатијата не е само збир на протоколарни активности, туку докажан цивилизациски механизам којшто успева истовремено да урива ѕидови и да гради мостови.

„Вие, дипломатите, персонифицирате знаење, умеење, умереност, вештина и упорност во потрагата по решенија за сериозни проблеми, преферирајќи преговори, договори и потписи, наместо конфликти, уцени и оружје“, рече Сиљановска-Давкова и додаде дека лично, повеќе верува во силата на аргументот, отколку во аргументот на силата.

Претседателката истакна дека и изминатата година, ние бевме кредибилен ЕУ партнер, одговорна, активна и кредибилна членка на НАТО, докажан фактор на стабилност во регионот, но, како што вели, „не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нон стоп го менува уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите“.

-Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни „ само уште еден услов“, да направи „само уште една отстапка и  уставна промена“, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет!

Тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди, порача, меѓу другото, шефицата на државата.