СДСМ: Македонија се враќа во времето на Груевски, медиумски мрак и хајки против опозицијата

СДСМ соопшти дека состојбата со медиумските слободи во Северна Македонија драстично се влошува и дека земјата се враќа во периодот на, како што наведуваат, медиумски мрак, политички хајки и јавни линчови, карактеристични за времето на владеењето на Никола Груевски.

од desk4
16 прегледи

Од партијата тврдат дека се целосно разобличени, како што ги нарекуваат, „медиумскиот октопод Алфа–Алта“ и центрите на моќ кои, според нив, спроведуваат континуирана црна кампања против опозицијата. Во соопштението се наведува дека претседателот на СДСМ, партиското раководство и членството се под постојани напади од медиумски и политички структури поврзани со владејачката коалиција ВМРО–ЗНАМ, поради нивната борба против криминалот и корупцијата.

Како аргумент, од СДСМ се повикуваат на јавно достапни меѓународни извештаи. Според Репортери без граници, Северна Македонија во 2025 година паднала за шест места на Индексот за слобода на медиумите од 36. на 42. позиција, со забелешка дека владините претставници имаат лош и понижувачки однос кон новинарите. Во извештајот се посочува и дека ВМРО-ДПМНЕ е одговорна за зголемен број случаи на цензура и автоцензура кај новинарите.

Во последниот извештај на Freedom House за 2025 година, земјава е оценета како „делумно слободна“, при што се нотира дека измените на Законот за аудиовизуелни медиуми, кои повторно дозволуваат државно рекламирање во приватни медиуми, отвораат простор за политичко влијание. Дополнително, во т.н. „shadow report“ од јуни 2025 година се наведува дека над 10 милиони евра биле потрошени за политичка пропаганда.

СДСМ се повикува и на наоди на Balkan Insight, каде, според партијата, е документирано фабрикување лажни вести и користење „deepfake“ содржини против опозицијата, како и случаи на заплашување новинари за време на протести на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Во годишниот извештај на Институт за медиуми МИМ за 2025 година, според СДСМ, се евидентирани околу 150 случаи на притисок врз новинари, при што голем дел се поврзуваат со владејачката коалиција. Во извештајот на ОБСЕ за медиумите на Западен Балкан од декември 2025 година, Северна Македонија е означена како „најголем ризик“.

„Ова е реалната слика за слободата на медиумите и тоа е факт“, порачуваат од СДСМ. Од партијата најавуваат дека нема да молчат за, како што велат, координираните црни кампањи и јавниот линч, и дека ќе продолжат да ги разобличуваат сите форми на пропаганда и злоупотреба на медиумите, во одбрана на слободата и демократијата.