„Ќе дојде до барања не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници. Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, и кога дел од општинските раководства ќе ви ги затворат вратите тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете.“
Шилегов ја оспори легитимноста на најавениот конгрес и начинот на кој се води партијата:
„Ние немавме отчетен конгрес за поразот во 2021 година, иако статутот тоа го наложува. По изборите во 2024 година пропадна конгресот, а сега се најавува нов, без доставени материјали, предлог-заклучоци и политички одлуки до делегатите и општинските организации.“
Тој посочи дека според статутот, локалните организации мора да имаат увид и да донесат ставови:
„Општинските организации треба да ги разгледаат материјалите и да формираат мислења за делегатите да заземат став, но тоа не е направено.“
Во однос на политичките позиции на раководството, Шилегов оцени дека дел од одлуките се лични, а не партиски:
„Одлуката за Безбеден град не е став на партијата, туку лично гледање на Филипче. Не постои одлука на партиските тела за тоа.“
„Одлуката да не се учествува на лидерска средба, со образложение ‘не седиме со криминалци’, е апсурдна и не е донесена од партиските органи.“
Тој ја оцени и позицијата на СДСМ во опозицијата:
„Поразително е да имате мнозинско опозициско расположение во земјата, а СДСМ да се бори со ДУИ и Левица за второ или трето место, наместо да биде лидер на опозицијата.“
„Ако има брза промена во раководењето и креирањето политики, јас гарантирам дека на следните избори СДСМ може да го порази ВМРО-ДПМНЕ.“
На обвинувањата дека „работи за ВМРО-ДПМНЕ“, Шилегов возврати:
„Кога немате аргументи да одговорите на тезите, тогаш следуваат лични дискредитации, дека сум станал вмровец, дека сум работел за нив, дека сум пиел. Тоа е резултат на немање аргументи. Очекувам такви напади и понатаму.“