Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ поради притисоци

-Недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ, наведе обвинителката Ристоска

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител Тв

Обвинителката Ленче Ристоска денеска потврди дека поднела тужба против ВМРО-ДПМНЕ по неодамнешните изјави на премиерот Христијан Мицкоски за „медиокритети“ во судството, кои смета дека се однесуваат на неа. Во изјава за медиумите, Ристоска истакна дека ги презема сите институционални механизми кои што ѝ се на располагање.

-Недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок на јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Да, поднесов и тужба до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и известување за премиерот до Советот за јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители, рече Ристоска пред Кривичниот суд во Скопје.

Ристоска е дел од ОЈО Скопје и ги застапува случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата како правно лице, за незаконско финансирање. Во овие постапки се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на партискиот штаб во центарот на Скопје.

Постапувањето во предметите поврзани со партијата ВМРО-ДПМНЕ таа го наведе и во својата реакција на изјавите на премиерот нагласувајќи дека поради овие околности нив ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.

Инаку, наводите за кои реагира таа премиерот Мицкоски ги изнесе во интервјуто за порталот „Вечер.мк“, одговарајќи на прашања поврзани со корпусот закони за правосудството. Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката, но од содржината на изјавата е јасно дека станува збор за неа.

„Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи тие веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротивставени странки во процесот“, рече Мицкоски неодамна во интервјуто.

Ристоска се најде во отворен судир со ВМРО-ДПМНЕ кон средината на октомври минатата година. Тогаш таа остро реагираше на соопштение на партијата насловено „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ и почнуваше со „каков крај“, а се однесуваше на изјавата на Ристоска во врска со отворањето нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.