Клековски: Според договорот со синдикатите, во март зголемување на платите во здравството

-Веќе може да најавам дека нема да биде еднакво зголемувањето во март за сите, туку ќе биде процентуално, вели Клековски

од Nikola Popovski
190 прегледи Фото: Фејсбук/Стефан Андоновски

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски, на денешната прес-конференција најави дека според договорот со синдикатите, во март, годинава ќе има уште едно зголемување на платите во јавно здравство.

-Сакам да истакнам дека перцепцијата оти во јавниот сектор и во раководењето на јавниот сектор има некакво спротивставување на соодветно вреднување на работата. Да повторам дека во секторот здравство кумулативно платите во ноември 2024 и март 2025 се зголемија 17 проценти, диспропорционално многу повеќе со основно и со средно образование, кај лекарите помалку бидејќи зголемувањата беа линеарни. Кај матичните доктори капитациите се зголемија 33 отсто. Историско зголемување што беше направено за да се зголемат платите на докторите и на медицинските сестри вработени таму бидејќи ние цврсто веруваме дека работата треба соодветно да биде вреднувана, рече директорот на ФЗО на прес-конференцијата во Владата, на која заедно со министерот за дигитална трансформација промовираа четири нови електронски услуги на Фондот за граѓаните.

Тој смета дека платите за средномедицинскиот кадар, за медицинските сестри, се конкурентни на приватниот сектор.

-Мислам дека и во некои други сектори – образование, има постигнато договори за зголемување на платите. Така да, барем во мојот сектор можам со сигурност да кажам дека има силна поддршка натамошното зголемување на плати во смисла на соодветно вреднување на работата на здравствените работници како предуслов за квалитетна работа. Тука остануваме посветени. Веќе може да најавам дека нема да биде еднакво зголемувањето во март за сите, туку ќе биде процентуално, бидејќи платите меѓу понискиот кадар и докторите – коефициентот и разликата меѓу нив се намали, а сепак мора да бидат соодветно вреднувани и лекарите, појасни Клековски.