Арсовски истакна дека, како најголема културна институција во државата со над 500 вработени, Националната опера и балет мора да функционира врз основа на јасна хиерархија, прецизна поделба на одговорностите и доследно почитување на работната етика. Според него, во оркестарот улогите се строго утврдени, а секое отстапување од воспоставениот систем директно влијае врз работата на целата установа.
„Улогата на управата не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на уметничките стандарди. Како директор, нема да дозволам нарушување на работните процеси, ниту непочитување на хиерархијата во оркестарот, каде диригентот е водечки авторитет“, наведува Арсовски.
Тој нагласува дека нема да дозволи лични нетрпеливости на поединци да се манифестираат преку непочитување на колегите и странските соработници, со кои институцијата со години реализира квалитетни продукции за публиката. Истовремено, потенцира дека НОБ и понатаму ќе постапува согласно своите правилници и во рамките на законите, со цел заштита на колективот, публиката и интегритетот на оперската и балетската уметност.
Во соопштението, директорот апелира и до Синдикатот на културата да не подлегнува на влијанија од поединци кои, како што наведува, ја злоупотребуваат неговата улога, туку да продолжи да се залага за правата на колективот и достоинството на институциите.
Арсовски ги оцени како „невистинити и паушални“ наводите изнесени од вработената Татијана Петрушевска во врска со дисциплинската постапка поведена против неа, оценувајќи дека со нив се нанесува штета на угледот на установата и се создава искривена слика во јавноста. Тој посочи дека нема да изнесува детали, имајќи предвид дека постапката е во тек, но нагласи дека постојат изјави од вработени, како и од диригентот на претставата, врз основа на кои е поднесен предлог за дисциплинска постапка и донесено решение за суспензија, согласно Законот за култура.
Во однос на тврдењата дека против вработената претходно не биле водени постапки, директорот истакна дека тоа не е точно, наведувајќи дека во повеќе наврати вработени од оркестарот побарале заштита од нејзиното однесување.