Албанскиот премиер Еди Рама денес, по повод протестот на опозицијата, ги осуди актите на насилство и уништувањето на јавниот имот, изразувајќи солидарност со полицајците кои беа повредени. Рама напиша на социјалната мрежа „X“ дека протестот е демократско право, но дека организираното насилство нема никаква врска со слободата на изразување.
„Во Европа има разни демонстранти – анархисти, екологисти, десничарски или левичарски екстремисти, студенти, антиглобалисти, хулигани меѓу навивачите и широк спектар на групи кои излегуваат на улиците од свои причини, се маскираат, се вооружуваат со молотови коктели, кршат и палат, повредуваат полицајци и уништуваат имот… Сепак, од времето на озлогласените партии од пред 100 години во Германија и Италија, постои само една парламентарна партија во Европа која, во својата програма на дејствување, како составен дел од своето основање, користела насилство, уништување на имот, напади врз институционални згради, па дури и врз сопствена зграда, како и мобилизација на паравоени формации, кои до неодамна беа чети на нејзиниот духовен водач, а денес се само платеници регрутирани за пари од улични бандити, кои носат маски или ги кријат лицата за да ја завршат работата фрлајќи молотови коктели без да бидат идентификувани од камерите“, напиша Рама.
Тој им посака на повредените полицајци брзо закрепнување.
„Денес, ваквите протести, со нечистотијата што ја оставаат на булеварите, изгледаат како излив на лудило на улица од страна на сенилен старец кој ги организира… Брзо закрепнување на полицајците кои беа повредени и ранети од оваа толпа“, додаде Рама.
Неколку полицајци и демонстранти синоќа беа повредени за време на протестот на опозицијата пред зградата на Владата на Албанија во Тирана. По говорот на лидерот на Демократската партија, Саљи Бериша, демонстрантите фрлаа молотови коктели, петарди и други пиротехнички средства кон ѕидовите на владината зграда.
Демократската партија организираше протест барајќи оставка од премиерот Рама и вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Бељинда Балука, кој беше суспендирана од функцијата со одлука на Уставниот суд, но тој суд привремено ја врати на работа до крајот на постапката по жалбата поднесена од Рама.