Орце најави дека Скопје ќе добие 100 нови автобуси, но не се знае кога ќе пристигнат

Со одлука на Владата, Скопје треба да добие 100 нови градски автобуси и 50 полначи

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук

Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, со што значително ќе се подобри јавниот превоз во главниот град. Одлуката е донесена од Владата на Република Македонија, соопшти денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Сепак, во објавата на градоначалникот не стои конкретен датум кога ќе пристигнат автобусите, со оглед дека премиерот Христијан Мицкоски, уште во ноември 2024 година, најави дека ќе се купат од 100 до 120 електрични автобуси за Скопје.

Градоначалникот се повика и на изјавата на премиерот кој минатата недела најави дека оваа поддршка за Скопје е дел од поширока стратегија за стабилизација и модернизација на јавните услуги. Според Ѓорѓиевски, одлуката произлегува од стратешки договор „влада со влада“ меѓу Македонија и Унгарија, што овозможува набавка на возилата по исклучително поволни услови.

Во своето обраќање, Ѓорѓиевски нагласи дека проблемот со јавниот превоз, кој со години бил една од најголемите болки на скопјани, наскоро ќе стане минато. Тој посочи дека преземањето на функцијата значело соочување со сериозен колапс во системот, но и дека токму поради тоа прифатил одговорност да започне процеси кои со години биле закочени.

Како што беше соопштено, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 електрични автобуси и 50 полначи, што ќе овозможи поефикасен, побезбеден и поеколошки јавен превоз. Со ова, се очекува да се подобри квалитетот на услугата за илјадници граѓани кои секојдневно го користат јавниот транспорт, како и да се намали загадувањето на воздухот.

Минатата недела, премиерот рече дека 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.

„Околу Скопје за намалување на аерозагадувањето е Градскиот воз, чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата. Очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада“, објасни Мицкоски од Собранието.

На крајот на ноември 2024 година, премиерот рече дека очекува до наредната грејна сезона (2025) во земјава да има нови 100 до 120 електрични автобуси кои ќе сообраќаат во јавниот градски превоз во градовите кои имаат организирано таков превоз.

„Во моментов го скенираме пазарот и анализираме за колкав најбрз период можат да дојдат меѓу 100 и 120 автобуси, но истовремено и начинот на плаќање да биде со одреден грејс период и на неколку полугодишни рати за да не биде товар на ликвидноста на Буџетот. Потоа тоа, би било пренесено до сите општини кои имаат организиран јавен градски превоз, заедно со придружната инфраструктура како што се полначите за електрични автобуси за кои пресметавме дека ќе ни бидат потребни околу 50-тина“, изјави тогаш Мицкоски.