Шкода произвела повеќе од милион автомобили во 2025 година

Шкода Ауто произвела 1.065.000 автомобили ширум светот во 2025 година, што е за 15 проценти повеќе од претходната година и најдобар резултат за брендот во последните шест години

од Vladimir Zorba
11 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Faisal Khan

Шкода Ауто произвела 1.065.000 автомобили ширум светот во 2025 година, што е за 15 проценти повеќе од претходната година и најдобар резултат за брендот во последните шест години.

Главната фабрика во Млада Болеслав произведе 605.600 автомобили, а исто така склопи и над 329.000 системи на батерии за електрични автомобили и хибриди на Шкода, како и за други модели на групацијата Фолксваген.

Вкупно, компанијата произведе и повеќе од 1.030.000 менувачи и повеќе од 500.000 мотори. Во сегментот на електрични возила, од јануари 2025 година се произведени 112.500 компактни кросовери Elroq, а производството на поголемиот Enyaq достигна околу 77.000 единици.

Шкода нагласува дека фабриката во Млада Болеслав останува единствената во групацијата Фолксваген каде што моделите со мотори со внатрешно согорување и целосно електричните модели се склопуваат на една производствена линија.

„За прв пат по шест години, ја надминавме границата од еден милион произведени автомобили Шкода. Ова е големо достигнување и резултат на координираната работа на нашите производствени тимови“, рече Андреас Дик, член на Управниот одбор за производство и логистика.

Фабриката во Квасини го зголеми обемот на производство на 301.500 автомобили во споредба со 248.000 возила претходната година. Производството во Индија се дуплираше на 73.800 автомобили благодарение на лансирањето на новиот кросовер Kylaq. Покрај тоа, Шкода отвори нова фабрика во Виетнам во соработка со Thanh Cong Group, каде што 2.500 модели на Slavia и Kushaq беа склопени од комплети испорачани од Индија.