Панделески по повлеченото обвинение за „Империја“: Ова не е победа, туку задоцнета институционална потврда дека правото и фактите мора да надвладеат

„Во наредниот период ќе биде направена детална анализа на сите последици од оваа постапка, по што ќе донесам одлука за понатамошните чекори, вклучително и за начинот на исправување на нанесената штета и мојот иден деловен ангажман“, стои во реакцијата на Панделески

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

По одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да го повлече обвинението против него во предметот „Империја“, бизнисменот Цветан Панделески преку соопштение вели дека се потврди она што континуирано, јавно и аргументирано го посочував во текот на целата постапка – „дека против мене не постоеја релевантни докази за сторено кривично дело“. Во својата реакција вели дека укажувал како обвинението е правно и фактички неосновано, дека постапката е оптоварена со сериозни процесни пропусти и дека не постојат докази што би ја поткрепиле тезата за измама или перење пари.

„Во текот на постапката против мене беа водени две обвиненија. Првото се однесуваше на наводна злоупотреба на положбата и оштетување на акционерите на „Бетон – Штип”, при што обвинителката тврдеше дека постојат околу 150 оштетени лица. На самото судење, ова обвинение беше повлечено, бидејќи во реалноста не постоеше ниту еден оштетен акционер.

Паралелно, со правна манипулација беше продолжена постапката за наводна измама и перење пари во однос на Кираца Трајковска, која ја презеде нов обвинител. По јасна изјава од страна на Трајковска, дека никогаш немала контакт со мене, како и по изјавите на 14 акционери од „Фершпед” дека ниту тие никогаш немале разговор или каков било однос со мене, стана очигледно дека не постои ниту фактичка ниту правна основа за продолжување на обвинителниот акт.

Со повлекувањето на обвинението, обвинителството практично потврди дека:

1. Не постои доказ дека сум презел дејствија со намера за прибавување противправна имотна корист,
2. Не постои доказ дека сум довел кого било во заблуда,
3. Ниту пак дека сум имал влијание врз одлуките на акционерите или управувањето со нивниот имот.

Овој исход за мене не претставува победа, туку задоцнета институционална потврда дека правото и фактите, и покрај се, мора да надвладеат.

Истовремено, не може да се игнорира фактот дека оваа повеќегодишна постапка остави сериозни последици врз мојот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои сум поврзан. Во изминатите години тие функционираа под постојан притисок, правна неизвесност и нарушена деловна репутација, што неминовно влијаеше врз нивната работа и развој.

Во наредниот период ќе биде направена детална анализа на сите последици од оваа постапка – правни, економски и репутациски – по што ќе донесам одлука за понатамошните чекори, вклучително и за начинот на исправување на нанесената штета и мојот иден деловен ангажман.

Очекувам овој случај да послужи како сериозно предупредување за значењето на почитувањето на основните принципи на правична постапка, законитост и професионална одговорност во работењето на институциите, особено во предмети со висок јавен и економски импакт. Како бизнисмен со повеќедецениско искуство и без ниту една дамка во своето професионално портфолио, укажувам дека обвинителството секогаш мора да води сметка за интегритетот на лицата, бидејќи штетата од вакви постапки не се нанесува само врз неправедно обвинетиот, туку и врз целото општество“, стои во реакцијата на Панделески.

„Империја“ е еден од најголемите случаи на поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО), што, освен за Панделески, се водеше и против штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски.

Митровски призна вина и доби условна казна. Тој и фирмата опфатена со обвинението, во буџетот требаше да вратат милион и пол евра. Но, по измените на Кривичниот законик од 2023 година, и одлуката на Апелациониот суд во Скопје за укинување на првостепената пресуда, обвинителството го повлече обвинението за Митровски и во еден дел за Панделески.

И покрај законските измени, предметот се судеше за останатите кривични дела измама и перење пари за Панделески и Тасковски.