Советничката во Град Скопје од Левица, Дарја Мустафаоглу го демантира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој рече дека нема вработувања во Град Скопје и дека немало да дозволи ниту еден денар од буџетот на скопјани да биде злоупотребен.
„Добро сум проценила дека ќе си извади рил градоначалникот за „храбриот потег“ да не дозволи 21 вработување во Градската администрација по распишан јавен оглас од претходното раководство.
Но, реалноста е поинаква, а согласно годишниот план за 2026 (предложен од актуелниот градоначалник) во Градската администрација ќе имаме не 21, туку 44 нови вработувања за 42 позиции. Пиарот навлегува во лага кога ги имаме фактите…“, пишува во објавата на Мустафаоглу.
Tаа сподели и видео во кое се обраќа од градското собрание и истакнува дека во планот за вработување во градот за оваа година се планираат многу позиции, од кои дел биле пополнети со преземање луѓе од општина Кисела вода, но посочи и на позиции кои нејзе и звучат како непотребни.
Ѓорѓиевски пред неколку дена соопшти дека јавно побарал од сите советници да гласаат против одлуката од минатото за вработување на 21 лице, одлука што директно би го чинела градот 1,4 милиони евра.
Тоа се пари на граѓаните, средства со кои можеме да изградиме кружни текови, да обезбедиме нови автобуси и да реализираме проекти што носат реална корист за Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.
„И затоа, партиските апетити немаат место во Град Скопје. На градскиот буџет гледам како на сопствениот“, додаде градоначалникот.