Левица обвинува за институционален притисок: „Наместо да гони криминал власта повикува наш советник на распит за ФБ статус“

„Станува збор за режимска злоупотреба на полицијата за замолчување на опозицијата“, порачуваат од Левица

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук

Левица информира дека денес, советникот од нивните редови во Советот на Општина Прилеп, адвокатот Жаре Стеваноски бил повикан на информативен разговор во МВР – ПС Прилеп, поради јавно изразен политички став на социјалните мрежи. Според Левица, овој повик е уште една алка во низата притисоци што, како што велат, режимот на ДПМНЕ систематски ги врши врз членови и функционери на Левица. Забележуваат дека ова не е прв пат ваков тип на институционален притисок да се применува врз Левица.

-Не е ни прв пат вакви повици да се користат како метод на заплашување кон Жаре Стеваноски. Напротив, станува збор за препознатлив режимски образец – кога ДПМНЕ нема политички одговор, користи полиција, а кога нема аргументи, активира притисок.

Станува збор за режимска злоупотреба на полицијата за замолчување на опозицијата. Кога МВР се активира по налог на власта за статус на опозициски советник, тоа значи дека ДПМНЕ ја претвори полицијата во партиска служба за притисок и заплашување. Наместо да гони криминал, корупција и милионски афери, полицијата се користи за дисциплинирање на оние што зборуваат јавно и гласно. Очигледно, режимот на Мицкоски не толерира критика и слободата на говор ја смета за закана што треба да се сузбие.

Сепак, ДПМНЕ сè уште немаат разбрано една суштинска работа – овие подли и кукавички методи не функционираат врз Левица. Нашите членови и функционери свесно влегоа во отворен судир со партиско-државниот апарат, знаејќи дека режим кој се храни од неправда и криминал нема да реагира поинаку.

Левица нема да биде нем набљудувач на распаѓањето на државата, институционалните неправди и криминалите што ја гушат Македонија. Напротив, сме и ќе останеме гласни, без разлика на цената, затоа што молкот е соучесништво, а ДПМНЕ токму на тоа смета.

Колку повеќе режимот посегнува по притисоци, толку појасно станува дека власта на Мицкоски се плаши од опозиција која не може да се купи, уценува или замолчи, порачаа од опозициската партија.

Стеваноски преку објава на социјалните мрежи потврди дека бил повикан во МВР ПС Прилеп заради информативен разговор за статус.

„Мојата изјава е следна: “Точно е дека го објавив статусот на 28.01.2026 година и секоја џукела која мисли поинаку е обична режимска будала што заслужува да биде тепана”, стои во објавата на советникот од Левица.