Мицкоски е претседател на ВЛЕН, тврди Таравари

Според Таравари, единствениот фактор што во моментов ги држи партиите во ВЛЕН заедно е влијанието на премиерот Мицкоски

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук/Арбен Таравари

Лидерот на едното од трите крила на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, изрази длабоки сомнежи за функционирањето и перспективите на владејачката коалиција ВЛЕН, опишувајќи ја како конгломерат од партии со различни идеологии, кои тешко можат да се трансформираат во обединета политичка структура.

Во интервју за „КохаКаст“, Таравари рекол дека, иако сака ВЛЕН да се обедини и да функционира како единствена партија, реалноста во рамките на коалицијата го прави тоа речиси невозможно.

„Знаејќи како функционира внатрешно, мојата прогноза е дека тој конгломерат со различни идеологии тешко може да стане структура. Мојот впечаток, сакам да грешам, е дека тоа се партии кои немаат никаква врска едни со други“, изјавил Таравари.

Тој нагласил дека евентуалното спојување може да се случи само помеѓу одредени субјекти, како што се БЕСА и Алтернатива, додека рече дека Демократското движење и групата на Арбен Фетаи се сосема различни структури.

Според Таравари, единствениот фактор што во моментов ги држи овие партии заедно е влијанието на премиерот Христијан Мицкоски.

„ВЛЕН има претседател, Христијан Мицкоски. Да не беше Мицкоски, нека им даде две недели и нека каже „јас не се мешам“, по што одамна ќе се разделеа“, изјавил претседателот на АА.