Пешевски: Патните трошоци на пратениците, поделени на месечно ниво, се поголеми од минималецот на еден работник

Потпретседателот на ССМ соопшти дека дел од пратениците дошле уште пред 8 часот во Собранието, односно како што рече, може да испијат кафе и да се спремат за состанокот. Вели дека не успеале да видат некој од нив

од Nikola Popovski
120 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски потсети дека патните трошоци на пратениците, поделени на месечно ниво, се поголеми од минималната плата на еден работник во приватниот сектор. Тој повтори дека ќе продолжат со блокадите на пратениците, Владата, министрите и работодавачите.

Пешевски на денешната блокада на Собранието истакна дека животот е поскап за 9000 денари за две години и тоа го покажуваат цените по маркетите. Оттаму е нивното барање за минималец од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра.

-Нема економија и држава без работници. Нека се одважат и нека ги дадат нивните барања на дневен ред, нека ги исгласаат ако сакаат да си обезбедат уште еден мандат, ако не ќе бидеме секојдневно тука и ќе блокираме, се додека не се слушне гласот на работникот, кажа потпретседателот на ССМ.

Пешевски порача дека дел од пратениците дошле уште пред 8 часот во Собранието, односно како што рече, може да испијат кафе и да се спремат за состанокот. Вели дека не успеале да видат некој од нив.

Во четврток, ССМ ќе блокираат пред Стопанската комора и Организацијата на работодавачи, а следниот вторник се пред Влада.