Искуствата од земјите кои воведоа строги ограничувања за ароматизираните никотински производи покажуваат дека резултатите не секогаш се во насока на заштита на јавното здравје. Законот за заштита од пушење, применет во дел од европските држави, создаде сериозни предизвици во пракса.
Од Стопанската комора веќе укажаа дека предложениот закон во Македонија, кој се темели на словенечкиот модел, е тешко применлив во домашни услови. Во меѓувреме, Словенија по забраната на ароматизираните никотински производи во 2024 година се соочува со раст на црниот пазар, каде што изостанува контрола врз квалитетот и безбедноста на производите. Уште поизразени последици, според анализите, се забележуваат во Латвија.
Словенија во 2024-тата година регистрира стапка на пушење од 20,1% и иако се уште нема официјални податоци за 2025 година, се проценува дека стапката на пушење се намалила за незначителен еден процент, на 19,2%. Ваквиот податок ги потврдува резултатите од анкетата на ИПСОС, спроведена во 2024 година додека траела јавната расправа за предложените ригорозни мерки. Интервјуирани биле 180 корисници на вејпови и најголемиот дел од нив одговориле дека користат електронски цигари со цел да го намалат или целосно да престанат со пушењето на цигари. Деведесет проценти од анкетираните корисници на ароматизирани вејпови сметале дека забраната за вкусови би можела да ги врати назад кон пушењето на цигари. Околу три четвртини одговориле дека властите треба да ги поддржат помалку штетни алтернативи на цигарите, а половина истакнале дека доколку постои можност, веројатно ќе се снабдуваат од „црниот пазар“.
Токму таков е случајот сега, а од Финансиската управа на Република Словенија соопштија дека се соочуваат со повеќе прекршоци на набавка на никотински производи преку интернет.
„Поголемиот дел од прекршоците утврдени досега во областа на увозот од страна на физички лица се поврзани со увозот на електронски цигари (или сродни производи), што е забрането. ФУРС врши континуиран надзор, со службени лица присутни во секое време, како во патничкиот, така и во поштенскиот сообраќај, каде што сите пратки што пристигнуваат од трети земји се предмет на надзор.“, соопштија од Управата.
Покрај преку интернет, Управата спроведува и засилени акции на терен. Една од поголемите заплени на нелегални цигари и ароматизирани вејпови се случила на главниот пазар во Марибор.
„Потрошувачите често не знаат дека производите, покрај тоа што се поевтини, тие содржат непроверени хемикалии и се произведени во неприфатливи хигиенски услови“, изјави Марко Хорват, директор на подрачната единица на ФУРС.
Покрај негативното искуство во Словенија, слични резултати од рестриктивните забрани има и во Латвија, каде од први јануари 2025 година е забранета продажбата на ароматизирани никотински производи. Државата регистрира пораст на црниот пазар и значителен дефицит во државниот буџет.
Според пишувањата на локалниот медиум la.lv, постоеле постојани предупредувања дека ваквите ограничувања се непотребни, бидејќи и онака продажбата на малолетници е забранета, а популарните ароматизирани производи ќе се преместат во нерегулираниот црн пазар.
„Се чини дека овие предупредувања се материјализираа. Податоците за приходите од акцизи за првите три месеци од 2025 година покажуваат дефицит од над 1,5 милиони евра, при што трговците пријавуваат масовен егзодус на клиенти на нелегалниот пазар каде што производите немаат контрола за квалитетот и државен надзор. Обемот на нелегалниот пазар, наводно, достигнува 42,4% од вкупната потрошувачка во првите четири месеци од 2025 година, што е зголемување во однос на 31,4% во 2024 година“, пишува медиумот.
Од регионот, со големи маки со црниот пазар на вејпови се соочува и Бугарија, каде само една откриена голема пратка од вејпови произведени во Русија, без контрола на составот, му нанела штета на буџетот од околу 500 илјади евра.